„Со заклучоците на Советот на министрите од Луксембург добивме силно и недвосмислено признание за нашите достигнувања во изминатата година“, напиша на фејсбук премиерот Зоран Заев по одлуката која попладнево во Луксембург ја донесоа министрите за надворешни работи.
Премиерот додава дека земјава добила јасна потврда за реформите кои се спроведени и за сите резултати остварени на домашен план, но и пофалби за Договорите со Грција и Бугарија.
„Тоа за нас и за граѓаните е многу значајно и ни укажува дека заедничките напори не беа попусто. Исто така, со заклучоците на Советот ни е одредена точна временска точка во која ќе се донесе и потврди одлуката за почеток на преговорите за членство ЕУ, а тоа е не подоцна од октомври оваа година“, напиша Заев на фејсбук.
Во постот додава дека за земјата ваквата одлука била клучна да биде донесена оваа година, а овој заклучок токму тоа го потврдил.
„Ние во меѓувреме продолжуваме со работа и реформи. Нашиот резултат е одржлив и незапирлив. Продолжуваме со интензивните подготовки за формален почеток на преговорите до крајот на оваа година, напиша Заев.
Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ на состанок попладнево во Луксембург не успеаја да се договорат за старт на преговорите за членство со Македонија и Албанија. На ова прашање ќе се навратат најдоцна во октомври.
Comments are closed for this post.