Земјите членки на ЕУ не успеаја да се договорат за старт на преговорите за членство со Македонија и Албанија. На ова прашање ќе се навратат најдоцна во октомври. Ваква одлука попладнево во Луксембург донесоа министрите за надворешни работи.

Потврдувајќи ги заклучоците од 26 јуни 2018 година, Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор без преседан и добро ја зема на знаење препораката на Европската комисија за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија врз основа на позитивната евалуација и направениот прогрес во исполнувањето на условите идентификувани од страна на Советот. Со оглед на ограниченото време на располагање и важноста на прашањето, Советот ќе се наврати со цел постигнување јасна и суштинска одлука најбрзо што може и не подоцна од октомври 2019 година, гласи последната верзија на заклучокот за нашата земја.

Како што јавува МИА од Брисел источноевропските земји најсилно се залагале за отворање на преговорите со двете земји без никакво одлагање, но отпорот од Франција, Германија и други западни земји останува преголем.

Дипломатски извори за МИА велат дека овој заклучок е најдобриот можен компромис со оглед на длабоките несогласувања помеѓу земјите членки на Унијата околу проширувањето, но дека оваа формулација „не носи автоматизам“ за есенската одлука.