Ние испорачавме, сега е ред и на ЕУ да испорача и Чешката Република поддржува Северна Македонија да добие датум за почеток на преговори, се главните пораки од денешната заедничка прес-конференција на премиерите на двете земји – Зоран Заев и Андреј Бабиш, кој е во официјална посета на земјава.
Премиерот Бабиш истакна дека „не е прифатливо ново одложување на датум за преговори на Северна Македонија за ЕУ, бидејќи земјата направи огромни напори и исполни се што се побара од државата од страна на Европската унија. Ново одложување на датум за Северна Македонија би значело и разочарување на целиот овој регион“.
Според Бабиш ако Макрон за референдумот испратил видео порака, ако дошла Меркел, нема логика сега да нема датум за преговори.
Европските политичари ви ветија, вие како земја конечно најдовте заеднички јазик со Грција, решивте спор кој траеше 30 години, сменивте име, сменивте устав. Европските политичари треба и мора да си го оддржат зборот, ако тоа не се случи ќе делува антимотивирачки, не само за земјава туку за целиот регион. Битно е тие, што ветија да го исполнат ветеното“, рече чешкиот премиер.
Тој вети дека ќе стори се за да добиеме датум за преговори.
Премиерот Заев истакна дека денес добивме големо охрабрување од чешкиот премиер и оти во четврток очекува позитивна порака од канцеларката Ангела Меркел. Тој кажа дека граѓаните на ЕУ треба да разберат дека земјата не бара веднаш членство во Европската унија, туку мотивацијата што ќе ја дадат со одредување датум за преговори.
Ние сме одличен пример за соработка со сите 5 соседи, пред два месеци грчки премиер прв пат беше во посета на земјата по долги години спор. Европската комисија даде кристално јасна препорака за отпочнување на преговори. Сто отсто ги исполнивме критериумите, со Бугарија и Грција ги надминавме отворените прашања. Преспанскиот договор е повеќе од решение на долгорочен спор, клучна европска вредност на заедништвото на што е поставена и ЕУ. Оваа мотивација, одредување на датум за преговори за нас е важна, бидејќи во спротивно ќе значи да се враќаме назад кон национализам и популизам“, рече Заев.
Comments are closed for this post.