Општина Центар почна со уривање на терасите во Дебар Маало. Утрово работници  со асистенција на полицијата и градежен инспекторат почнаа со отстанување на, како што велат од општина Центар, нелегалната тераса на новото кафуле на Боемска улица.

Од општина Центар  велат дека е испочитувана целата законска процедура и дека сите сопственици на објекти се уредно информирани и претходно предупредени.

Не е правена никаква селекција. Акцијата ќе трае неколку денови и ќе се интервенира на сите локации. Законот е јасен, ако тргнале со толкави инвестиции , тогаш сигурно треба да ги познаваат обврските согласно законот. Градоначалникот на општина Центар имаше неколку средби со сопствениците на кафулиња и на ресторани  и им беше презентирано што е законско, а што не е според законот. Сите имаат добиено решение , сами да си ја отстранат дивоградбата, но не го направиле тоа, велат за Пресинг ТВ од Одделението за односи со јавност на општина Центар.

Го контактиравме и сопственикот на  објектот што  денеска се рушеше,  но не добивме  можност да го слушнеме и неговиот став со образложение дека е емотивно потресен.

Во меѓувреме останува да видиме дали и општина Сарај ќе постапи како општина Центар со дивоградбата на Матка.