На денешен ден пред 20 години започнаа воздушните напади на силите на НАТО на тогашна Сојузна Република Југославија.
За време на 78 денови, колку траеше бомбардирањето, според официјалните податоци, загинаа меѓу 1.200 и 2.500 луѓе, додека вкупната материјална штета е проценета на повеќе десетици милијарди долари.
При нападите загинаа 1.031 припадници на Вооружените сили и полицијата, а ранети беа околу 6000 цивили, меѓу кои и 2.700 деца, како и 5.173 војници и полицајци. Повеќемина лица се уште се водат како исчезнати.
Воените загуби на НАТО никогаш официјално не се соопштени.
Операцијата на НАТО насловена „Милосрден анѓел“ започна на 24 март 1999 година во 19.45 часот и таа уследи по неуспешните преговори за решавање на кризата на Косово во Рамбује и Париз.
Авиони на 19 земји на Алијансата почнаа со бомбардирање од бродови стационирани во Јадранското Море и од четири воздухопловни бази во Италија, поддржани од стратешки бомбардери кои полетуваа од бази во Западна Европа, а подоцна и од САД.
Во бомбардирањата се уништени и оштетени 25.000 станбени единици, 470 километри патишта и 595 километри железнички пруги. Онеспособени беа 14 аеродроми, 19 болници, 20 здравствени центри, 18 детски градинки, 69 училишта и 176 споменици на културата, а 44 мостови беа оштетени, додека 38 други беа уништени.
Симбол на страдањето во бомбардирањата на СРЈ беше малата Милица Ракиќ, која почина на 17 април за време на бомбардирањето на Батајница.
Во ноќта на 23 април 1999 година во два часот и шест минути по полноќ, силите на НАТО ја нападна и зградата на РТС, при што загинаа 16 медиумски работници. Ова беше прв случај една медиумска куќа да биде прогласена за легитимна воена цел.
За време на бомбардирањата беа извршени 2.300 воздушни напади врз 995 објекти низ целата земја, а 1.150 борбени авиони лансираа близу 420.000 проектили со вкупна тежина од 22.000 тони.
НАТО лансираше и 1.300 крстосувачки проектили, беа употребени и графитни бомби, како и 37.000 „касетни бомби“ од кои загинаа 200 лица, а повеќе од стотина беа повредени. Беше користена и муниција со осиромашен ураниум.
По повеќедневвен дипломатски притисок, бомбардирањата завршија со потпишувањето на Воено-техничкиот договор во Куманово на 9 јуни 1999 година, а на 10 јуни, беше усвоена Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, по што за три дена започна повлекувањето на југословенската армија и српската полиција од Косово и влегувањето на меѓународните воени сили.
Comments are closed for this post.