Навидум неповрзано и тивко, суштински промени ни се најавуваат паралелно со расклопувањето на (матрицата на) системот на „државна безбедност“ каков што го познаваме 30 и повеќе години доколку одиме во градење цивилно-контролиран, НАТО-компатибилен систем за неутрализација на безбедносни закани, а не на политички чинители и процеси. Смисловно-временското адаптирање на службата-креатор (ќе) се рефлектира и на нејзините политички/медиа/научни/бизнис брендови и на нивните бардови, доколку не биде само формално и површно.
Отсуството на суштинска дразба околу претседателските избори (ПИ) во моментот личи логично од три причини: прво, кампањата не е започната; второ, над нив лежи товарот на ланскиот неуспешен референдум и уставните промени; трето, поради немањето очекување на нивен импакт врз стандардот и економијата како лични приоритети на убедливото мнозинство граѓани. Но, дали е тоа се?
При постојните уставни надлежности на претседателот, ризикот по успешноста и исходот на ПИ и претходно, но особено сега, не зависи од кандидатите онолку колку што тоа би било логично за изборот на највисоката поединечна извршна функција во државата. Ризикот се рејтинзите на партиите од власта и опозицијата во електоратот или резигнираноста кон нив и нивните (сегашни и поранешни) практики.
Затоа, не се мотивирачки на пр., кулоарските „заплашувања“ дека при неуспешни избори претседателот на Собранието може да стане в.д. претседател на Републиката. На сите им е јасно дека со „27 април“ Талат Џафери беше легитимно избран за претседател на Собранието, па нема зошто Џафери Талат, со истиот легитимитет, да не може да биде „в.д.“ како што тоа е и сега при секое патување на Иванов во странство.
Кон успешноста на ПИ нема да придонесат ниту закани со предвремени избори, затоа што пребрзано влетување во нови избори не е од интерес ниту на оние што номинално ги бараат „уште вчера“, ниту на оние што сметаат дека перманентната изборна атмосфера не е корисна. Истото се однесува и на провоцирањето предвремени кандидатски медиа-дуели, но и на секоја нетактична порака на бриселските комесари кои и пред референдумот лани беа (пре)гласни, а не баш особено ефективни.
Гласачите се повлечени во својата школка и со молк порачуваат дека доколку нешто брзо не се промени во реториката и праксата на партиите – изборниот процес може да отиде по ѓаволите, заедно со легитимитетот на полит-партиските елити. Затоа се надевам дека ќе изградиме атмосфера во која бремето на минатото на секоја од партиите што поддржува кандидати нема да биде поголемо од нивните лични и вкупни потенцијали.
Велам „се надевам“, затоа што согласно општото расположение, за разлика од „старите времиња“, при вакви емиграција, избирачки список и гласачи со истрошена верба во политиката/политичарите – ПИ веќе немаат гаранција за успешен цензус, нешто за што порано не се ни размислуваше без најавен бојкот на некој од учесниците во изборите. Добро е што најави за организиран бојкот не доаѓаат од ниту еден кандидат или партија што го поддржува, но такви најави немаше ни лани, нели? Партиите станаа предвидливи, но гласачите не се.
Токму преферирањето на кандидатот на кој му беше одземена победата пред 5 години, Пендаровски, ми е мотив повеќе да укажам на ризиците кои се повеќе ќе ги ставаат изборите во позиција на заложници на елитите и (не)испорачувањето на очекуваните резултати од нив, пред и по 2016. Оваа состојба веќе на среден рок може да ни ги продлабочи децениските поделби.
Во таа смисла, паралелно гледано, индикативна е променетата перцепција за партиите, научната, бизнисот, медиумите… какви што ги знаеме и нивната опадната моќ на влијаење на општествените процеси. Навидум неповрзано и тивко, суштински промени ни се најавуваат паралелно со расклопувањето на (матрицата на) системот на „државна безбедност“ каков што го познаваме 30 и повеќе години доколку одиме во градење цивилно-контролиран, НАТО-компатибилен систем за неутрализација на безбедносни закани, а не на политички чинители и процеси. Смисловно-временското адаптирање на службата-креатор (ќе) се рефлектира и на нејзините тридецениски политички/медиа/научни/бизнис брендови и на нивните бардови, доколку не биде само формално и површно.
Бидејќи инерцијата на „БЈР“ и на транзицијата се истрошија, пред јавноста на Северна Македонија се дестимулативниот економски, здравствен, образовен, социјален стандард и непријатните сеќавања за тоа колку енергија, верба и време сме потрошиле на државно-дипломатско-службењачки спонзорирани политички ликови и нивните производи во елитите, хибернирани во крајот на минатиот век што доведе до тука.
Вака гледано, 2014 беше година на обид да се прекине неминовноста на денешните процеси во македонскиот политички, економски и општествен систем – за сега, 5 години подоцна, на истиот вид (претседателски) избори да заокружуваме еден цел циклус на државниот развој.
Затоа странично се исцртува новата динамика која, поради затворањето на кругот од изминатите три децении независност започнува веќе по ПИ, независно од нивниот исход. А улогата на претседателот на Републиката ќе биде многу значајна, како потенцијална точка на постигнување национален, надетнички и надпартиски, рационален консензус за пат кон безбедност и просперитет во динамични регион, континент и свет. И од тоа во иднина ќе зависи и начинот на неговиот избор.
Наспроти емотивниот набој и ретро или релативизаторската реторика, се потврди дека ориентацијата на затворање на споровите е правилна. Квалитетот на договореното засега во јавноста е прашален и ќе биде и временски тестиран. Но, всушност, дури сега (ќе) се соочуваме со тоа колку малку сме биле воопшто и свесни за споровите, заблудите и предизвиците на почетокот на 1990-тите, колку научната мисла ни била инертна за да ги препознае и предложи потребните чекори и процеси, колку медиумите ни биле пре-партиски вдомени за да иницираат и пружат дебатата за вистински приоритети и ликови, а политичката фела – прекалкулантска за навремено да ги направи потребните промени.
Затоа, определбата кон кандидатите на ПИ и приоритетите е прашање на личниот и колективниот однос на препознавање на предизвиците и на личностите адекватни да одговорат на тие предизвици.
Comments are closed for this post.