Денес е Младенци. Празникот на пролетта – 22 март младите го празнуваат како свој ден, ден на младоста, љубовта и убавината. Православната црква на овој ден го празнува споменот за 40 војници од Севастија кои маченички загинале за Христовата вера. Со овој празник се поврзани многу обичаи со желби за среќен брак и убава иднина на младите. А тие – младите треба да се радуваат на животот, да бидат среќни, исполнети, а најмногу треба да гледаат и работат за својата подобра иднина. За жал, дали е можно сето тоа да го остварат во нашата држава.

Младите ги напуштаат градовите, има катастрофален квалитет на живот, бедни економски услови, загаден воздух, и многу други причини кои не даваат убедување на младите дека тука треба да останат и да се радуваат на животот. Значи има полно разочарување.

Тие што ја водат државата треба вистински да се замислат и да преземат активни мерки и политики кои на младите ќе им покажат дека и тука може да имаат подобра иднина. Но за жал, политизираноста и поделеноста на општеството создаваат фрустрации кај младите луѓе во нашата земја. Празните ветувања на власта ги оставаат младите на маргините на општеството. Велат дека евроатланските интеграции ги отвораат можностите за младите, да вистина е дека ги отвораат, но ги отвораат за полесно да заминат во белиот свет.

Организацијата на обединетите нации по повод Меѓународниот ден на среќата – 20 март го објави овогодинешниот глобален извештај “World Happiness Report”. Истражувањето е спроведено во 156 држави во светот врз основа на анкети за одредени фактори во земјите како што се квалитетот на живот, сочувството кон другите, слободата, великодушноста, искреноста, здравјето, перпециите за корупција. Нашата земја оваа година се наоѓа на 84-то место, односно во средината на табелата на среќни нации. Целта на овој Меѓународен ден на среќата е да се зголеми свеста за важноста за потрагата за среќа и добробит на светското население, а со оглед на тоа дека потрагата за среќа е темелна човечка цел.

Токму заради тоа што потрагата по среќа е основната цел на човекот, а младите во нашата земја не се среќни со квалитетот на животот, а токму за „животот“ власта се бореше; младите не чувствуваат грижа од страна на својата држава, а оваа власт токму тоа им го ветуваше на младите, а истото и сега го прават пред почетокот на предизборната кампања за претседателските избори; исто така младите не се задоволни од економските услови во својата држава, бидејќи ја перцепираат корупцијата на власта што своите роднини ги вработува во институции како ЕЛЕМ и МЕПСО.

Почетокот на пролетта треба да биде повод за позитивни промени. Оваа пролет носи можности за промени и на внатрешно политички план. Разочараната младина е уморна од политичките случувања и празни ветувања. Пред се, најпрвин власта со своето неработење во интерес на младите и граѓаните, а потоа и сите други политички чинители со амбиција да ја водат државата во текот на оваа пролет ќе треба да понудат вистински остварливи цели на младите луѓе, доколку сакаат оваа држава да биде среќно место. Ако продолжат со своите тесно партиски и лични интереси, ова парче земја во иднина ќе се најде на дното на листата на несреќни нации. А можеби во иднина и нема да не има на листата. Среќно!