Од 1 јуни годинава и официјално ќе започне со работа новата Агенција за внатрешно разузнавање, која во рамките не реформите на безбедносно-разузнавачкиот сктор во државата треба да ја замени се уште актуелната Управа за безбедност и контрарузнавање, беше соопштено на денешниот брифинг со новинарите во МВР.
Агенцијата ќе биде надвор од Министерството и ќе биде во надлежност на Владата. Нејзиниот директор ќе го избира Владата на предлог на премиерот. Реформите во безбедносниот сектор, како што беше речено, се одвиваат со помош на четири партнерски земји, а суштината е конечно да се спречат било каквите злоупотреби на службите и да се работи согласно европските и НАТО стандардите.
Како држава мораме конечно да се ослободиме од називот „тајна полиција“, што не соодветствува со високите демократски вредности, и да ја намалиме моќта, што досега се злоупотребуваше, изјави вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Образложувајќи ги законските решенија тој потенцираше дека основна задача на Агенцијата ќе биде заштитата на националната безбедност на државата, независноста, суверенитетот, уставното уредување и основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Притоа, од суштинско значење ќе биде контролата на работата на Агенцијата, што ќе ја вршат надлежните собраниски комисии, Народниот правобранител и Советот за граѓански надзор.
Целта е да го регулираме нашето работење, но не да го пререгулираме. Основни пунктови на работата ќе бидат контраразузнавањето, контратероризмот и заштитата на уставниот поредок и борбата против високите форми на организираниот криминал, изјави директорот на УБК, Горан Николовски.
Според него, Агенцијата ќе биде дел од превенцијата, а не репресијата, а тоа што ќе биде собрано како информација или сознание нема да биде користено како доказен материјал.
До официјалниот почеток на работата на Агенцијата ќе биде формирана комисија за селекција на вработените. Таа прво ќе подготви профил на работните места, па профил на тој што ќе конкурира за нив и на крајот следува селекцијата на кадри. Секој вработен ќе мора да ги исполнува НАТО стандардите и критериумите, зашто ќе доаѓа во контакт со класифицирани информации и тука, како што беше речено, не смее да има утка.
Секој еден кој нема да ги исполни критериумите ќе добие отказ, беше дециден министерот Спасовски.
Се уште се размислува и бара локација на која ќе биде сместена новата Агенција.
Comments are closed for this post.