Владата поддржана од стотина граѓански организации, од една, и постојната Комисија за заштита од дискриминација денес си разменија сериозни пораки од кои може да се види дека е почната последната битка за новиот состав на Комисијата кој ќе оди во пакет со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација. Но, можно е да се води и последната битка за традиционалната дефиниција на бракот како заедница на маж и жена.

Утринава се огласија невладините, а веднаш потоа и Комисијата, секој со своите аргументи.

Според сознанијата на Пресинг ТВ, текстот на новиот закон е во собраниската Комисија за труд и социјална политика и тој е стокмен да се разгледа со ставено европско знаменце, што ќе рече ќе оди побрзо и ќе се усвојува со просто мнозинство.

Граѓанските организации денес побараа итно да се донесе Законот за спречување и заштита од дискриминација. Тие притоа истакнаа дека тоа е со цел да се пресретнат роковите од следниот извештај на Европската комисија,

Организатори и поддржувачи на барањата се 100 здруженија, сојузи и фондации и мрежи на граѓански организации.

Бараме претседателот на Собранието итно да преземе мерки за донесување на Законот и ги повикуваме сите пратеници да го поддржат неговото донесување. Законот веќе осум месеци е заглавен во Собранието, посочи Драгана Трендаревска од Мрежа за заштита од дискриминација.

Таа додаде дека претседателот на Комисијата за труд и социјална политика одбива да го стави законот на дневен ред на матичното тело, како и дека останатите во Собранието и претседателот на Комисијата делуваат непрофесионално и необјективно.

Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија апелираше законот под итно да биде ставен во собраниската процедура.

Ова не го говорам во мое име, туку го говорам од името на разни етнички заедници, од името на Ромите и жената Ромка, од името на луѓе со попреченост, од сексуалните работници, луѓето кои употребуваат дрога, луѓе кои се пациенти по разни основи, пред се луѓе кои се сиромашни и исклучени по различни основи“, рече Дуковска.

Симонида Кацарска од Институт за европска политика рече дека законот е од исклучителна важност за процесот на пристапување на државата во ЕУ.

Постоечкиот закон не е во согласнот со европското законодавство, и ние континуирано добиваме забелешка од Европската Комисија дека истиот треба да ги вметне сексуалната ориентација, родовиот идентитет како основи“, посочи Кацарска.

Александар Даштевски, претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација за Пресинг ТВ изјави дека тие воопшто не биле вклучени во процесот на изработка на новиот закон, па дури не го знаат ни целиот предложен текст.

Според него, немало поширока дебата за новиот закон, а како клучен го постави проблемот што Министерството за труд и социјална политика „е целосно неподготвено да се заложат да се надминат проблемите поврзани со просторот за работа на Комисијата“.

Таа комисија се наоѓа на 20. Кат на зградата на МРТВ, до каде и нема лифт. Но поважно е што, како што тврди Даштевски, не се внимава на принципот на исклучување партиско влијание, и спротивно на тоа се менува состабот на Комисијата, „нешто што во писмо е порачано од Европската комисија“.

Сепак, во пакет со носење на новиот закон, ќе се менува и новиот состав на комисјата, иако таа треба да постои уште две години.

Суштествени промени во новиот закон нема, има повеќе козметички измени, иако има и добри решенија. Наши сугестии не се прифатени, а како главен мотив сега испаѓа дека е сменувањето на Комисијата“, вели Даштевски.

Денес Комисијата ообјави соопштение во кое се истакнува оти се отфрлени клучните препораки на Венцеијанската комисија, и притоа предлага во новиот закон да влезат два амандмани.

Со првиот амандман потребно е да се врати одредбата која постои во актуелниот закон дека уредувањето на бракот, вонбрачната заедница и семејството исклучиво како заедница на спротивни полови, односно на еден маж и една жена претставува исклучок од дискриминација бидејќи, во спротивно силно се јакнат легитимните стравови на конзервативниот дел од граѓаните на нашата држава независно од нивната политичка, етничка или верска припадност, во смисла дека се создава правно фундиран простор за легализација на истополовите бракови, како и за легализација на желбата на овие двојки за посвојување на деца“, се наведува во соопштението.

Дефиниција за дискриминација

Член 6

Дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите.