Германската канцеларка Ангела Меркел им оддаде признание на премиерите на Република Северна Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас за нивната храброст да постигнат договор и да го надминат повеќедеценискиот спор, овозможувајќи и на тој начин влез на Република Северна Македонија во НАТО.

 Во секој конфликт може да се најде решение доколку се покаже храброст, истакна Меркел на Минхенската конференција за безбедност.

Таа, меѓу другото, предупреди и дека мултилатералниот светски поредок се распаѓа, но тоа не значи дека треба да се уништи. Меркел ја критикуваше изолационистичката и националистичката политика на американскиот претседател Доналд Трамп.

Мора да се бориме за Европа, за мултилатерализмот, против оние кои мислат дека можат се сами, нагласи Меркел.

Ретко во досегашната историја имало толку многу несогласувања меѓу САД и Германија. Моментно овие две земји имаат спор околу Иран, одбранбената пресметка и гасоводот Северен тек кој треба да достави руски гас во Германија.

Берлин е загрижен за мултилатералната соработка по повлекувањето на САД од неколку меѓународни договори, вклучувајќи ги Парискиот климатски договор и иранскиот нуклеарен договор, двата потпишани во 2015 година.

Кој ќе ги собере парчињата од распаѓањето на светскиот поредок? Ние. Сите ние, заедно, порача Меркел во својот говор на Минхенската конференција за безбедност.