Во сред сезона, кога мерните станици веќе подолг период покажуваат екстремно загадување на воздухот, Владата најавува двегодишен план за справување со аерозагадувањето.
Мерките во планот се состојат од финансиска помош во замената на старите нееколошки системи за затоплување со нови, субвенции за купување на еколошки возила и за вградување на плински уреди, а од Владата се надеваат дека ќе биде донесен и закон со кој ќе се забрани користењето на јаглен како средство за затоплување.
Со ваквите мерки, Владата очекува намалување на загадувањето за 50 проценти после две години, а за реализација на планот бараат финансиска и техничка помош од меѓународни донатори.
Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, кој е раководител на интер-секторската група за справување со згадувањето, не беше конкретен за колкави средства станува збор, рече дека не би сакал да лицитира.
Тој порача дека ова не е само еколошко, туку и економско прашање, додавајќи дека во борбата против загадувањето потребно е да се вклучат сите чинители на државата тргнувајќи од институциите до невладиниот сектор и граѓаните.
Според Макрадули четири различни анализи од различни држави и експерти покажале дека загревањето на домаќинствата учествува со над 40 отсто во загадувањето.
За вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој е и национален координатор на странската помош, загадувањето не може да се реши со магично стапче.
Министерот за Животна средина и просторно планирање, Садула Дураку, кој досега не одржал ниту еден прес за загадувањето ниту пак граѓаните видоа некаков план како да го реши, ја потенцираше ургентноста на предизвикот. Рече дека за реализацијата на мерките се потребни огромни финансиски средства, дел од нив се обезбедени преку буџетот, но не се доволни.
Од опозициската ВМРО-ДПМЕ преку соопштение реагираа дека е крајно безобразно во услови кога се трошат милиони на непотребни работи и луксузи преку донаторски конференции да се собираат пари за аерозагадувањето. Според нив, даночните обврзници од кои бараат донации веќе преку плаќањето на даноци го дале својот допринес во буџетот, од кој треба да се издвојуваат пари за аерозагадувањето.
Comments are closed for this post.