05.12.2018 / 13:29

Рибар ловејќи јагули налетал на питон – потоа следела епска борба

Еден рибар во Западна Суматра за малку ќе бил проголтан од џиновски питон, но благодарение на своите колеги, тој бил спасен во последен момент и по голема борба со огромниот рептил.

Медиуми јавуваат дека станува збор за змија долга 8 метри.

До блиската средба меѓу рибарот и змијата дошло кога несреќниот човек ловел јагули, а во еден момент пред себе здогледал нешто што му личело на трупец во вода. Сакајќи да го тргне од својата патека на движење, тој го удрил трупецот со гранка, што било кобно за него – всушност го удрил питонот долг 8 метри и тежок над 100 килограми, кој веднаш тргнал во напад.

За среќа острите вилици на питонот го промашиле рибарот, но змијата потоа успеала да го фати за ногата и почнала да се обмотува околу него. Шест други рибари веднаш стасале напомош.

„Јас прв налетав на змијата. Мислев дека е трупец, кој го удрив. Се шокирав кога видов што е. Шест лица се бореа за да го совладаат питонот“, изјави за локалните медиуми Тан Гаванг.

Змијата потоа завршила во кафез, а по неколку дена неа ја презеле експерти кои ја однеле на неколку километри подалеку од селото.

Инаку, станува збор за „Python reticulates“ една од надолгите змии во светот која може да нарасне до 9 метри и да тежи 160 килограми.

 

Најнови видеа