Партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден ПИРИН утринава изрази најдлабоко сочувство на блиските и пријателите на 45-те загинати македонски државјани на автопатот Струма. Оттаму велат дека не можат да не искажат сериозна загриженост и за некои од информациите кои испливаа покрај оваа трагедија.
Седиштето на компанијата превозник „Беса Транс“ според објавеното во медиумите е регистрирано во Ќустендил, на домашна адреса на возрасна жена заедно со уште 23 фирми. Тоа значи дека сопственикот на „Беса Транс“ како и сопствениците на тие 23-те фирми се бугарски државјани со фиктивни адреси во Бугарија.
-Масовното давање бугарски државјанства на лажни основи на жители на држави кои не се членки на Европската унија, со регистрирање на живеалишта и седишта на фирми на лажни адреси, со десетици и стотици луѓе и фирми на иста адреса е јасен пример за корупција која може да има многу различни и опасни последици, предупредуваат од ОМО Илинден.
Тие додаваат дека ја разбираат желбата на луѓето кои сакаат побрзо да станат граѓани на Европската унија, но не можат да имаат разбирање кон злоупотребата на маката и сиромаштијата на луѓето од властите во Р. Бугарија за продавање на државјанства или уценување со истите на граѓани на соседни земји да се декларираат како Бугари, а со цел постигнување националистички агенда, во случајот – вештачко создавање впечаток за постоење на големо бугарско малцинство во Македонија.
Веќе повеќе пати биле објавувани информации за големи злоупотреби од страна на бугарски институции поврзани со давањето на државјанства особено во времето кога во власта беше ВМРО БНД чии лидери беа активно замешани во скандалите поврзани со давање државјанства. Досега не е спроведена сериозна истрага, ниту е казнет некој. Ниту очекуваме тоа да се случи во Бугарија во која за 31 години демократија ниту еден корумпиран политичар не е осуден.
-Еве зошто се обраќаме и апелираме кој институциите на Европската унија да започнат детална истрага, особено на лидерите на спомнатата партија и посѕавените од нив службеници и да земе мерки за ставање крај на оваа политика на злоупотреба на членството во Европската унија по повеќе основи сите од кои се насочени или против вредностите на Европската унија или против нејзините интереси со казнување на виновните, велат од партијата.
Comments are closed for this post.