Во три децениската кратка историја на самостојна и независна Република Македонија, само тројца министри од сите досегашни влади почувствувале објективна одговорност и поднеле оставки, по трагични настани, што се случиле во нивните ресори.
Чекајќи го министерот за здравство Венко Филипче да поднесе оставка и со тоа да го направи единствениот логичен морален и етички чекор, по трагедијата во тетовската модуларна болница во која животот го загубија 14 лица, вреди да се потсети на ваквите слични случаи од поблиското минато.
Прв министер, кој поднел оставка чувствувајќи морална или објективна одговорност, беше министерот за транспорт и врски Антони Пешев во време кога премиер беше тогашниот лидер на владејачкиот СДСМ, Бранко Црвенковски. А, причина за тоа беа временски релативно блиските две авионски несреќи.
Прво, на 5 март 1993 година, на полетување од скопскиот аеродром, се урна патнички авион ФОКЕР 100 на компанијата Палер Македонија со 97 патници, а во несреќата загинаа 86 патници.
Само осум месеци подоцна, на 22 ноември истата година, кај охридскиот аеродром, се случи и втората воздухопловна несреќа. Патнички авион „Јак-42Д“ на Авиоимпекс се урна и однесе во смрт 115 луѓе, а само еден преживеа. Авионот беше на рута од Женева до Скопје каде што требаше да слета.
Ова ја прели чашата и тогашниот министер Пешев, секако во договор со премиерот Црвековски, поднесе неотповиклива оставка, што му беше и прифатена.
Вториот министер, кој поднесе оставка беше министерот за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски, што се случи по атентатот врз претседателот на државата Киро Глигоров, што за среќа, тој го преживеа со тешки повреди на главата.
На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, како и телохранителот, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.
Останува непознато кој стоел зад атентатот. Истражната постапка која се води против непознат сторител се уште е отворена, но и натаму останува непознато кој стоел зад атентатот. Истрагата утврди дека тој бил добро подготвен и организиран и оти само среќна околност било што претседателот Глигоров го преживеал.
Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври 1995 година во 9.50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието. Во автомобил „цитроен ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач. Пред експлозијата, службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ го забавило едно „фиќо“.
Како министер за внатрешни работи Фрчкоски поднесе оставка до тогашниот премиер Црвенковски. Тој му ја прифати оставката од функцијата, што дотагш ја извршуваше, но веднаш беше назначен за министер за надворешни работи.
И третиот министер, исто така за транспорт и врски, беше Миле Јанакисеки во владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од екс-премиерот Никола Груевски. Причина за неговата оставка беше несреќата на бродот „Илинден“ во Охридското Езеро, што се случи на 5 септември 2009 година во близина на кампот „Елешец“. Во неа загинаа 15 бугарски туристи, а петмина беа повредени. На бродот, во моментот на несреќата, имало 73 патници, иако тој имал дозвола за превоз на максимум 45 лица.
Министерот Јанакисески, по несреќата, на премиерот Груевски му ја понуди својата оставка, но таа не му беше прифатена и тој продолжи да ја извршува својата функција.
Comments are closed for this post.