Генерално, тоа децениско бугаризирање на Македонија и како територија и како народ не води кон тоа да се надминат стеротипите, што ги има меѓу двете држави и двата народа, вели за Пресинг Тв, проф.д-р Драган Георгиев, спроти претстојната, ноемвриска средба на Заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, што беше формирана согласно Договорот за добросесдство со Република Бугарија.
Тој не очекува на средбата во Софија да бидат дадени конечни одговори чии биле браќата Кирил и Методиј, Климент Охридски, дали биле Македонци или Бугари, или дали нивниот јазик бил македонски или бугарски.
Тоа е етнизирање и национализирање на средниот век, што не се дозволува од низа теоретски причини. Она што денес значи Бугарин не значело исто пред 1.000 години. Тоа за мене е апсолутно неприфатливо. Тие се сесловенски просветители, мисионери, кои му нудат писменост на населението овде и браќата воопшто немаат идеја да го бугаризираат или македонизираат, тоа е надвор од умот, ниту изворите тоа го дозволуваат. Затоа мислам дека тука лежи клучот дека можеме да постигнеме некој договор со бугарската страна, вели Георгиев.