Денес, за жал, во Македонија нема демократско владеење, туку недемократско дивеење, пишува меѓу другото академик Љупчо Коцарев во текст за денешното печатено издание на весникот „Нова Македонија“.
Текстот е насловен „За достоинството и гордоста“ и во него академик Коцарев наведува дека Македонија денес се соочува со два проблема. Првиот го именува како „идентитетски проблем“, а вториот како „проблем на демократијата“.
Иако за првиот проблем академик Коцарев веќе пишуваше, во новиот текст тој забележува дека „некои граѓани (и политичари) во денешна Македонија можат да сметаат дека пред 1944 година, некои жители на Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија зборуваат бугарски јазик-тоа е нивно право-но поддржете ги моето право и правото на илјадници други граѓани во Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија да имаме различно мислење од вашето“.
-Но, кога станува збор за Владата на Република Македонија, МАНУ, УКИМ и другите институции на државата, тие се должни цврсто да ги бранат научните тврдења на светските лингвисти, слависти, историчари, хуманисти, етнолози, според кои македонскиот јазик, идентитет, историја, култура имаат повеќевековна традиција во и надвор од границите на денешна Македонија, пишува академик Коцарев.
За вториот проблем, пак, академик Коцарев вели дека „консоцијалната демократија како систем на поделбата на моќта меѓу етничките групи, а не како систем на поделба на моќта меѓу еднаквите индивидуи, за Македонија стана опасност по стабилноста и нормалното функционирање на системот“.
Во текстот академик Коцарев натаму пишува дека според него, „во Македонија зборот „политичар“ предизвикува сложена, повеќеслојна емоција, мешавина од разочарување, одвратност, лутина и, пред се, страв. Страв предизвикан од можноста Македонија да се распадне, да исчезне“.
И во овој контекст академикот прави разлика меѓу терминот ресентимент и емоциите, меѓу моќта на политичарите и нивната нарцисоидност, ароганција, непромисленост, некомпетентност за носење геостратегиски одлуки и креирање политики, од една страна, и храброста, гордоста, самопочитта и достоинството, од друга страна.
-Самопочитта е уште една доблест за којашто зборува Аристотел. За жал, многу често тоа што го среќаваме кај македонските политичари е токму обратното. Уште повеќе, нивната сервилност и желба за владеење, дополнети со незнаењето, ароганцијата, алчноста и неспособноста, може да доведат до распаѓање на Македонија. Нема потреба од сервилност и кон внатре (коалициски партнери) и кон надвор. Нема потреба, заради мислењето дека „има момент на итност за почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ“, да заборавите кои сме. Престанете да се „виткате како црвци во кал“. Во еден твит од пред неколку дена, професорот Петефир од Универзитетот во Оксфорд, порача „може да се каже дека НАТО направи стратешка грешка во периодот на администрацијата на Трамп принудувајќи промена на името на Македонија, и тоа треба да се смени“. Работите, изненадувачки, се едноставни: покажете дека не сте сервилни и ќе имате повеќе шанси за ЕУ. Сервилноста одбива, пишува академик Коцарев.
Comments are closed for this post.