Жители на улицата „157“ лоцирана близу поликлиниката „Бит пазар“ два дена, на температури што се симнаа и до 10 степени Целзиусови под нулата, и по седум часа седеле без струја. Овие граѓани велат дека на тој начин останале без единствениот извор на затоплување на нивните домови, со оглед на тоа што неодамна ги послушале владините совети и со цел да придонесат во намалувањето на аерозагадувањето шпоретот на дрва го замениле со клима уред.
Граѓаните што се обратија до редакцијата на „ПресингТВ“ побараа да останат анонимни, бидејќи стравуваат од соседите што никогаш не плаќале струја. Тие тврдат дека се жртви на неплаќачите што со години се диво приклучени на мрежата.
Уште во истиот момент кога снема струја се јавивме во ЕВН да пријавиме, но не ги добивме. Ова се случува години наназад, но не е човечки да смрзнуваме на -13. До лани имавме шпорет на дрва, сега сме со клими. Мислам дека згрешивме. Инаку, особено пред многу години, во ладните денови секогаш се случуваше да снемаме струја, некогаш рестрикции, а некогаш навистина имаше проблем со трефостаницата, поради оптоварување. Вчера седум часови седевме во ладно, без да можеме да зготвиме храна, се топлевме стуткани со ќебе во 21 век. Денеска, пак, час има, па три саати нема струја, срамота – вели револтирана граѓанка.
Неколку семејства од оваа скопска улица велат дека редовно си ги подмируваат долговите за потрешената електрична енергија и затоа се разочарани. Велат дека за дел од нив, греењето е повеќе од неопходно. Меѓу членовите на трите семејства има и мало бебе, неподвижна жена со дијагностицирани неколку хронични болести, а има и такви што се сомневаат дека се позитивни на корона вирусот, со висока телесна температура.
Што ќе правам ако се доразболи мојот син, ова е лудост. Нема никаква логика. Ние сме на два чекори од Центар, до 2008 година оваа улица беше во Центар 1, потоа стана Чаир. Од ЕВН викаат дефект е, ама ние знаеме со години каде е проблемот, но ние не сме виновни, нека ги исклучат нив, вака, како старата народна „покрај сувото, гори и суровото“ – вели жител на скопската улица.
Од ЕВН потврдуваат дека има диви приклучоци на нивната мрежа во овој дел на градот, но негираат дека станува збор за рестриктивно исклучување.
На улица „157“ на Бит Пазар се констатирани нелегални дејствувања во дистрибутивната мрежа. Истите се пријавени до надлежните институции. Освен тоа, се преземаат и технички мерки со цел да се отстранат дефектите и да се нормализира снабдувањето со електрична енергија на корисниците – стои во официјалното појаснување на ЕВН до „ПресингТВ“.
Сепак, од ЕВН не прецизираат кога може да се очекува дефектот да биде целосно отстранет и не исклучуваат нови прекини на електричната енергија додека проблемот биде целосно решен.
Comments are closed for this post.