Со Законот за учебници за основно и средно образование, сите неправилности и неправди во сите учебници треба да бидат прегледани и исправени, почнувајќи веднаш од учебникот по географија за втора година средно образование, заклучиле на денешната средба првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за образование и наука, Мила Царовска и поранешниот министер и пратеник Арбер Адеми.

На средбата на која се разговарало за концептот на реформи во образованието и за Законот за учебници за основно и средно образование тројцата соговорници се согласиле дека во овој случај, со учебникот по географија за втора година средно, како и со другите учебници, ќе се примени членот 26 став 2 од Законот за учебници. Овој дел од законот наведува дека учебниците се повлекуваат од употреба доколку содржат материјали што ја навредуваат историјата, културата и вредностите на сите граѓани на Република Македонија.

Како што соопштија од кабинетот на Груби, тој и Царовска исто така се согласиле дека во рамките на оваа одлука во периодот што следува ќе се разгледаат сите учебници со цел да се стави крај на овие појави, односно недоследностите во овие учебници.

Медиумите на албански јазик во земјава деновиве објавуваа вести за, како што наведуваа, „скандалозниот“ учебник, притоа посочувајќи што точно им пречи на Албанците во Македонија. Имено, тие наведуваа неколку спорни нешта наведени во учебникот.

На 99 страница од книгата каде што е напишано: „Меѓу денешните македонски Албанци има и родови кои себеси се сметаат за староседелци. Главно тоа е македонско население кое во текот на турското владеење го примило исламот и постепено се албанизирало. Меѓу нив, понекаде има и понекој род кој потекнува од некогашните Турци, Роми или Черкези“.

И на 104 страница како спорен момент го наведуваат напишаното дека Албанците во Македонија се доселиле во различни периоди, почнувајќи од 1780 година. Но, како што пренесоа медиумите на албански јазик, на оваа страница спорно е и тоа што е напишано дека „населувањето на албанското население во Македонија не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, плански, со помош на турската власт или на локалните аги и бегови.