САД додадоа 18 физички и четири правни лица на листата за санкции против Русија, се наведува на веб-страницата на американското Министерство за финансии. Како што се наведува во соопштението, мерката е донесена „како одговор на континуираната неусогласеност на Русија со меѓународните норми“.

Меѓу санкционираните се двајцата Руси осомничени за труење на поранешниот руски разузнавачки агент, Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Солсбери, Велика Британија. Тоа се Анатолиј Чепа, познат како Руслан Боширов, и Александар Мишкин, познат како Александар Петров. Во соопштението тие се наречени „офицери на ГРУ одговорни за обидот за атентат врз Сергеј Скрипал и неговата ќерка“.

На црната листа се додадени вкупно 15 агенти на Главната управа (ГИ) – руското воено разузнавање, што е попозната под старото име, Главната разузнавачка агенција (ГРУ). Освен Чепига и Мишкин, други девет вработени во ГИ се санкционирани поради вмешаност во американските претседателски избори, а четворица за сајбер напади против Светската антидопинг агенција и Организацијата за забрана на хемиското оружје.

Истовремено, Министерството за финансии на САД објави дека во следните 30 дена ќе ги укине санкциите против руската компанија „Русал“, холдингот „En +“ и „Евросибенерго“, пренесе ТАСС.

Трите компании се согласиле да се преструктуираат за да биде намален процентот на рускиот олигарх, Олег Дерипаска и тој повеќе да нема контрола врз нив. Самиот Дерипаска, метален магнат од внатрешниот круг на рускиот претседател Владимир Путин, останува на црната листа.