Одлуката на САД да ги повлечат своите трупи од Сирија создава перспективи за политичко решавање на сириската криза, соопшти руското Министерство за надворешни работи. Од руското МНР, исто така, оценија и дека иницијативата за формирање сириски уставен комитет има „светла иднина“ по повлекувањето на американската војска.

Од друга страна, вооружената коалиција „Сириски демократски сили“ (СДС), која е составена главно од курдски борци, ја опиша одлуката на САД да ги повлечат своите војници од Сирија како забивање нож во грбот, соопшти телевизијата „Скај њуз – Арабија“.

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, пак, истакна дека неговата земја ќе ја проучува одлуката на САД да ги повлече војниците од Сирија. Тој рече дека разговарал за ова повлекување со американскиот претседател и со државниот секретар.

Јасно ставија до знаење дека постојат и други начини да се влијае врз оваа област. Ние ќе ги проучиме роковите за ова повлекување, начините на кои ќе се спроведе и, се разбира, што тоа ќе значи за нас. Во секој случај, ќе се погрижиме да ја зачуваме безбедноста на Израел – изјави Нетанјаху.

Претходно, САД соопштија дека почнале да ја повлекуваат војската од Сирија, а претседателот Доналд Трамп рече дека терористичката „Исламска држава“ е поразена, со што е остварена целта на Вашингтон во таа земја.