Лидерот на баскиската сепаратистичка организација ЕТА, Хозе Тернер, сместен е во затвор откако пред два дена беше уапсен во градот Саланш во подножјето на француските Алпи.

Тернер е уапсен по 17 години бегство, откако шпанската полиција добила дојава дека тој е тешко болен и се лекува во една болница. Неименувано официјално лице од француското правосудство изјавил дека Тернер е префрлен во Париз, официјално е известен за неговото апсење и испратен е во затвор.

Лидерот на ЕТА во отсуство во 2017 година беше прогласен за виновен пред судот во Франција заради учество во терористичка група и осуден на осум години затвор.

Шпанија соопшти дека од Франција ќе побараат Тарнер да биде испорачан пред отслужување на затворската казна заради процес против него за злосторство против човештвото и повеќе убиства. Меѓу другото, се товари за нападот со автомобил-бомба во Сарагоса во декември 1987 година, кога загинаа 11 луѓе, од кои пет деца.

Повеќе од 800 луѓе биле жртви на насилните напади на членови на оваа група, која е формирана во 1959 година со цел да ги примораат шпанските и француските власти да ја признаат Баскија како независна држава.

И покрај прогласувањето на прекин на огнот во 2011 година и укинувањето на групата минатата година, шпанските власти продолжуваат со спроведување истраги против активностите на герилата и кривично гонење на поедини членови на ЕТА.