Последниот ден од декември за Украинците ќе значи не само завршување на годината, туку и почеток на кампањата за претседателските избори. Според законските одредби, кампањата треба да започне три месеци пред денот на гласањето. Бидејќи претседателските избори се закажани за 31 март, се покажа дека претстојната предизборна кампања треба да започне точно еден ден пред Нова година, соопшто ТАСС.

Од 31 декември до 3 февруари, оние кои сакаат да учествуваат во претседателската трка ќе имаат можност да поднесат документи до Централната изборна комисија (ЦИК) за нивно регистрирање како кандидати. ЦИК има рок од пет дена за исполнување на процедурата околу регистрирањето. Така, по 8 февруари ќе се знае кој ќе може да учествува во изборната трка.

Политиколозите сметаат дека претстојната кампања ќе биде исклучително остра и конфликтна.

За тоа не треба да има сомнежи, зашто се ќе биде диктирано од економската, социјалната и социјално-политичката ситуација, изјави украинскиот експерт Андреј Золотаров.

Според него, бројот на претседателски кандидати ќе биде исклучително голем.