Венецуелскиот претседател Николас Мадуро предизвика гнев кај својот народ заради снимките објавени на социјалните мрежи, што покажуваат како тој ужива во вкусни закуски во ресторан во Турција.

Тој во друштво на својата сопруга се гости во ресторанот „Нуср-Ет“ кој е во сопственост на познатиот готвач Нусрет Гокче, познат под прекарот „Salt Bae“.

Гокче го угостил Мадуро, но предоцна сфатил каков исход ќе има целата ситуација. Снимките од социјалните мрежи набрзо биле отстранети, но гладниот и напатен народ на Венецуела веќе видел сè.

На една од снимките се гледа како Нусрет во негов стил го сече и посолува месото, а претседателот ужива навален на столчето.

Опозициониот лидер Хулио Борхес, човекот кој побегна од земјата поради страв од апсење, напишал на Твитер:

Додека поголемиот дел од нашите граѓани умираат од глад, Николас Мадуро и Силија Флорес одлично се забавуваат во еден од најскапите ресторани на светот. Секако, со парите кои ги украле од граѓаните на Венецуела

Во Венецуела дури 64 отсто од населението гладува, а луѓето поради недостиг од храна во просек изгубиле 11 килограми телесна тежина. Неухранетоста на децата е на рекордно ниво, а се проценува дека во 2015 година Венецуела ја напуштиле 2,3 милиони луѓе.