Најмалку 15 полицајци се повредени во синоќешните судири со ултрадесничарски демонстранти кои се обиделе да попречат предизборен митинг на претседателот на Украина Петро Порошенко.

Судирите се случиле во градот Черкаси, околу 150 километри југоисточно од Киев.

Повеќе десетици членови на партијата Национален корпус се обиделе да се качат на бината на која Порошенко држел говор во рамките на кампањата за претседателските избори закажани за 31 март, а се обиделе и да блокираат колона возила во која бил тој.

Полицијата соопшти дека употребила солзавец против демонстрантите.