Американскиот претседател, Доналд Трамп, порача дека САД се подготвени како „репетирана пушка“ за одговор на потенцијален напад врз нафтените постројки на Саудиска Арабија, за кои Вашингтон го обвини Иран.

Има причини за да веруваме дека знаеме кој е виновникот. Целосно сме подготвени, но чекаме да чуеме од Саудиското Кралство за кого тие сметаат дека стои за нападот. Од тоа ќе зависат чекорите што ќе ги преземеме – напиша Трамп на твитер.


Претходно, американскиот државен секретар, Мајк Помпео, изјави дека имаат докази дека зад нападот врз најголемата нафтена рафинерија во светот „Арамко“ во Саудиска Арабија, стои Иран, а не јеменската група Хути, коишто ја презедоа одговорноста.

На ваквата реторика што доаѓа од Вашингтон одговор стигна од вишиот командант на иранската Револуционерна гарда, Амирали Хаџизаде, кој предупреди дека Исламската Република Иран е подготвена за целосна војна.