Американскиот претседател Доналд Трамп утре ќе побара од американскиот Конгрес дополнителни 8,6 милијарди долари за изградба на ѕид долж американско-мексичката граница, изјавиле за агенцијата Ројтерс американски официјални лица запознаени со неговото барање за буџет во фискалната 2020 година.

Барањето е шест пати поголемо од она што Конгресот го додели за гранични проекти во секоја од предходните две фискални години.

Демократите, кои се против изградбата на ѕидот, сметајќи го за непотребен и неморален, го контролираат американскиот Представнички дом, па оттука се мали шанските овој предлог на Трамп да помине во Конгресот.

Без разлика дали Конгресот ќе го усвои, ова барање би можело да му помогне на Трамп да ги дефинира неговите аргументи за безбедноста на границата во претстојната трка за претседателскте избори во 2020.