Генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејесус, порача дека паралелно со вакцинацијата на глобално ниво, треба да се применуваат и мерки на претпазливост кои заедно придонесуваат за безбедноста на луѓето

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека бројот на новозаразени со коронавирусот на глобално ниво се намалува трета недела по ред.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејесус, оцени дека новиот тренд покажува оти вирусот е можно да се контролира, иако се појавуваат нови видови, со примена на мерки како физичко растојание, покривање на лицето и одржување хигиена.

Сепак, Тедрос истакна дека светот веќе бил во слична ситуација и посочи дека не е време за опуштање.

Во текот на изминатата година имаше моменти кога во скоро сите земји бројот на регистрирани случаи се намалуваше. Мерките за претпазливост беа олабавени, а потоа вирусот ќе продолжеше да беснее, изјави Тедрос.

Тој нагласи дека паралелно со вакцинацијата на глобално ниво, треба да се применуваат мерки на претпазливост кои заедно придонесуваат за безбедноста на луѓето.

Контролирањето на ширењето на вирусот придонесува за спасување животи и ги намалува шансите за појава на нови видови. Исто така, помага дејството на вакцините да биде поефикасно, смета тој.