„Со бавното темпо на вакцинација се продолжува пандемијата“, рече европскиот разгранок на СЗО, посочувајќи дека бројот на новите случаи во Европа е нагло зголемен во последните пет недели.

Директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, рече дека вакцините се најдобриот начин за излез од пандемијата.

„Не само што функционираат, туку се и многу ефикасни во ограничувањето на инфекциите. Сепак, примената на овие вакцини е неприфатливо бавна“, се вели во изјавата на Клуге.

„Да бидам јасен, треба да го забрзаме процесот со зголемување на производството, намалување на бариерите за испорака на вакцините и користење на која било доза што ја имаме на залиха“, рече тој.

Клуге предупреди и дека ситуацијата во регионот е мошне загрижувачка во последните неколку месеци.

„Во европскиот регион на СЗО, кој вклучува околу 50 земји, меѓу кои и Русија и неколку земји од Централна Азија, бројот на смртните случаи минатата недела надмина 24.000 и забрзано се приближува до еден милион“, соопшти организацијата.

„Бројот на новите инфекции достигна 1,6 милион на неделно ниво, додека пред само пет недели беше под еден милион“, посочува СЗО.