Јавниот обвинител на Париз, Реми Хајтц денеска изјави дека пожарот што ја опустоши париската катедрала Нотр Дам бил предизвикан ненамерно, додавајќи дека „ништо не оди во насока на намерен чин”.

Пет претпријатија работеа на катедралата. Од денеска почнаа сослушувања на работниците во овие претпријатија. Предвидени се петнаесетина сослушувања. На градилиштето вчера биле присутни петнаесетина работници, изјави Хајтц на прес-конференција пред Нотр Дам, додавајќи дека управата на судската полиција во Париз мобилизирала речиси 50 инспектори за оваа истрага.

Обвинителот објасни дека првата тревога за пожар била дадена во 18.20 часот, но по проверката согласно процедурите не бил регистриран оган.

Втората тревога беше во 18.43 и тогаш огнот беше воочен на покривната рамка. Во меѓувреме, црквата беше евакуирана откако мисата започнала порано, додаде Хајнц.

Тој нагласи дека истрагата за пожарот ќе биде „долга и сложена“, ветувајќи дека Обвинителството „ќе ги стави на располагање сите средства, за да се дојде до вистината и да се дознае причината за овој страшен оган“.