Соединетите Американски Држави привремено изземаат повеќе од 400 видови кинески производи од царинење кое администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги воведе минатата година, потврди денеска тв мрежата СиЕнБиСи.
Изземањето, со кое се покриени 437 видови на производи, се однесува, помеѓу останатото, на артикли како што се сијалички за новогодишна елка, пластични сламки, поводници за кучиња…
Овие производи се дел од кинеската роба вредна 250 милијарди долари на кои САД минатата година воведе царини.
Најновата одлука е донесена по повеќе од 1100 барања за изземање кои ги поднеле компании и останати субјекти во Соединетите Држави во врска со кинеските артикли за увоз, се наведува во документот во кој увид имала ТВ мрежата.
Двете најголеми светски економии се во трговски спор повеќе од една година, воведувајќи си взаемни царини на различни артикли кои ги увезуваат една од друга.
Одлуката доаѓа во момент кога американски и кинески официјални лица на „средно“ ниво се состанаа во Вашингтон, со цел да се подготват за преговорите на високо ниво кои се очекуваат во месец октомври.
Comments are closed for this post.