САД извеле хакерски напади врз иранските постројки за лансирање на ракети и на разузнувачката мрежа, како одговор на тоа што Иран го собори американското беспилотно летало, објавуваат американските медиуми.

Според „Јаху њуз“ и „Вашингтон пост“, американскиот претседател, Доналд Трамп, кој во последен момент ги отповикал воздужните напади врз Иран, во тајност го одобтил ваквиот вид на противудар против иранските одбранбени системи.

„Вашингтон пост“ наведува дека цел на еден од хакерските напади биле компјутерите за контрола на лансирањето проектили и ракети, додека, пак, „Јаху њуз“ пишува дека друг напад бил насочен против шпиунската мрежа што го надгледува минувањето на бродови низ Хормушкиот теснец.

Според пишувањето на „Вашингтон пост“, хакерските напади биле испланирани пред неколку недели, а американските воени претставници ги предложиле како одговор на нападите на нафтените танкери во Хормушкиот теснец. САД го обвинува Иран за тие напади, но Техеран негираше каква било вмешаност.

На прашање од „АФП“, американскиот министер за одбрана одбил да коментира за наводите.

Техеран уште во 2010 година ги обвини САД и Израел дека во ек на кризата поради иранската нуклеарна програма го создале моќниот компјутерски вирус „Стукснет“, со кој беа заразени илјадници ирански компјутери и беа блокирани центрифуги за збогатување на ураниум.