Речиси половината Американци или 46% се против импичемент за претседателот Домалд Трамп, додека 39% од регистрираните гласачи сметаат дека тој треба да биде подложен на тоа и да биде отстранет од претседателската функција, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено по барање на „Хафингтон пост“, пренесуваат медиумите.

Меѓу анкетираните Американци едвај 6% од симпатизерите на Републиканската партија ја поддржуваат идејата за импичмент, додека меѓу приврзаниците на Демократската партија таа бројка изнесува 66%.

Истовремено, 38% од противниците на идејата сметаат дека извештајот на специјалниот обвинител Роберт Милер ги исчистил сите дамки од лицето на Трамп по сите обвиненија упатени на негова адреса, но 47% од анкетираните сметаат дека тоа не е точно. По се изгледа, самиот извештај на Милер е прифатен со одобрување од американското општество, зашто дури 73% од избирачите сметаат дека извештајот е многу или до некаде точен, додека само 10% посочуваат дека тој не е многу прецизен или дури дека воопшто не е точен.

Конкретните вредности се релативно стабилни, зашто 40% од демократите и 42% од републиканците се согласуваат дека извештајот на Милер е многу точен. Истовремено, 48% од анкетираните сметаат дека Трамп ја попречувал истрагата на Милер, додека 39% одговориле дека тој не го сторил тоа.

Истражувањето е спроведено на 1.000 испитаници на 18 и 19 април со дозволена статистичка грешка од 3,3%.