Израел, Франција и Русија експресно реагираа на предупредувањето на Иран кое денеска го испрати претседателот Хасан Рохани дека ќе престане да се придржува кон одредени делови од нуклеарниот договор во 2015 година.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел нема да му дозволи на Иран да поседува нуклеарно оружје.
Утрово слушнав дека Иран има намера да ја продолжи својата нуклеарна програма. Ние нема да дозволиме Иран да дојде до нуклеарно оружје. Ќе продолжиме да се бориме против тие кои сакаат да не убијат, порача Нетанјаху во обраќање по повод Денот за сеќавање на паднатите војници.
Француската министерка за одбрана Флоранс Парли денеска изјави дека би сакала да „го одржи жив“ нуклеарниот договор со Иран и во исто време ја предупреди земјата дека би можела да се соочи со дополнителни санкции доколку не ги почитува преземените обврски.
Ништо полошо не би можело да биде доколку Иран своеволно го напушти Договорот, посочи Парли.
Русија и Кина на иста линија, според двете земји, САД „дополнително ги влошиле“ тензиите околу нуклеарното прашање на Иран.
Кина го почитува тоа што Иран „строго го спроведува“ нуклеарниот договор од 2015 година“ истакна кинескиот портпарол на Министерството за надворешни работи Генг Шуанг.
Одлуката на Иран за суспендирање на некои од обврските од нуклеарниот договор е последица на избрзаните чекори на Вашингтон, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Претседателот (Владимир) Путин постојано зборува за последиците од избрзаните чекори во однос на Иран, како што е одлуката која ја донесе Вашингтон. Последиците почнаа да се јавуваат, рече Песков.
Американскиот претседателот, Доналд Трамп, пред една година ги повлече САД од нуклеарниот договор од 2015 година, според кој Иран го ограничи збогатувањето на ураниум во замена за укинување на економските санкции.
Оттогаш, на незадоволство на европските сојузници, кои и понатаму го поддржуваат Договорот, Трамп ја продолжува својата кампања на „максимален притисок“ врз Иран.
Дополнително најновиот обид за „дипломатија со воени бродови“ може да предизвика екласација на тензиите и почеток на нов конфликт, пренесува „Политико“.
Трамп презема чекори кои ги доближуваат САД кон воен кофликт со Иран, откако го пренасочи носачот на авиони „Абрахам Линколн“, како резултат на изјавите на официјални лица дека постои зголемена закана за американските трупи и објекти во регионот – се наведува во анализата на магазинот.
САД денеска соопштија дека испратиле повеќе авиони бомбардери Б-52 на Блискиот Исток како одговор на евентуален планиран напад од Иран.
Comments are closed for this post.