Рускиот претседател, Владимир Путин, најави дека Русија нема да прави компромиси во своите темелни интереси со цел да издејствува ублажување на западните санкции.

Путин призна дека од 2014 година наваму, американските и санкциите на ЕУ ја чинеле Русија околу 50 милијарди долари, но истакна дека членките на Унијата претрпеле дури и поголема штета поради воведувањето рестрикции за Москва. Рускиот претседател нагласи дека санкциите ја охрабриле Москва да почне сопствено производство на бродски мотори и останати клучни индустриски производи, како и да го унапредува сопствениот земјоделски сектор.

Путин одговарајќи на прашања од граѓани за време на годишната телеконференција „Директна линија“, изјави и дека нивото на приходи, здравствената заштита, ситуацијата со сметот и комуналните услуги се моментно најгорливи прашања за Русија.

Рускиот претседател, исто така, додаде дека животот на руските граѓани станал попредизвикувачки, затоа што Русија пред неколку години се соочила со шокови, што ја нарушило ситуацијата на домашниот пазар и негативно влијаело на социјалната сфера.