Лидерите на Русија, Франција и Германија синоќа одржаа видео конференција со фокус на вакцините против коронавирусот, нуклеарниот спор со Иран и конфликтите во источна Украина, Либија и Сирија, соопшти Кремљ.

Беше речено дека во „отворен и деловен“ видео разговор, претседателот Владимир Путин одговараше и на прашања во врска со затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални, кои ги поставија германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон

Кремљ наведе дека тројцата лидери разговарале за изгледите за регистрација на руската вакцина „Спутник В“ во Европската унија и можноста за нејзино доставување и заедничко производство во земјите на ЕУ.

Кабинетите на Ангела Меркел и Макрон во синоќешните соопштенија нагласија дека тројцата лидери разговарале за можностите за соработка во „секторот за вакцини“, имајќи ја предвид проценката за „Спутник В“ во ЕУ, која се спроведува според истите стандарди што важат на други вакцини.