Првичните 200 милиони дози од вакцината на Фејзер и Бионтек против Ковид-19 на државите-членки на ЕУ ќе им бидат доставени до септември 2021 година. Ова за Ројтерс го соопштил портпарол на Европската комисија и агенцијата потсетува дека количината е доволна за една четвртина од граѓаните на Унијата, кои треба да подлежат на вакцинација, чиј број изнесува 400 милиони.

Агенцијата го оцени рокот како „протеглив во времето“ и посочува дека овој детал досега не бил познат во јавноста.

Вакцинирањето започна во саботата, но за да се постигне групен имунитет пред наредната есен ќе биде неопходно да се набават и други вакцини.

Моментно во ЕУ е одобрена само оваа вакцина, а на 6 јануари се очекува одлука на Европската агенција за лекови и за вакцината на Модерна.

Портпаролот на Комисијата дополнил дека се водат преговори со Фејзер за дополнителни 100 милиони дози, што биле предвидени со претходниот договор, но не се знае кога тие би биле доставени. Агенцијата го цитира портпаролот, кој додава дека повеќето договори на ЕУ за достава на вакцините предвидуваат тие да бидат извршени до крајот на 2021 година.

Досега Брисел, кој преговара во името на сите држави-членки, такви договори има со Фејзер и Бионтек, АстраЗенека, Џонсон и Џонсон, Модерна и Санофи за вкупно 2 милијарди дози. Првите испораки, според дел од договорите, можат да започнат до март 2021 година, истакнал портпаролот на Европската комисија.

Се очекува Европската комисија за лекови да даде дозволи за одобрување на вакцините од АстраЗенека и Џонсон и Џонсон во текот на првото тримесечие на нредната година.