Аферата ја открија неколку палестински групи за човекови права и граѓанско општество, но здравствените власти, иако признаваат дека тоа се случило, сметаат дека е оправдано

Наместо здравствените работници, вакцините против ковид ги примиле министри и членови на националниот фудбалски тим, признаа здравствените власти на Западниот Брег и Газа.

Палестинските власти кои управуваат со Западниот Брег ги потврдија деталите од оваа измама по критиките од организациите за човекови права и граѓанското општество, кои побараа истрага.

Во изјавата Министерството за здравство рече дека 10 % од 12 000 дози што ги добиле им биле дадени на членовите на фудбалскиот тим, на министри, припадници на претседателската гарда и на членови на извршниот комитет на Организацијата за ослободување на Палестина (ПЛО).

Уште 200 дози му се дадени на јорданскиот кралски двор, по барање на Аман.

Министерството за здравство соопшти дека министрите и службениците за безбедност кои примале вакцини биле „во директен контакт со претседателот и премиерот“.

За фудбалерите објаснувањето е дека им биле потребни сертификати за вакцинација затоа што патувале во странство да ја претставуваат Палестина на натпревар.