Советот на Европа усвои декларација со која на Русија и го враќа правото на глас во ова европско тело, кое и беше одземено по анкесијата на Крим во 2014 година.

Министрите за надворешни работи од 47 држави членки на Советот со огромно мнозинство ја поддржаа декларацијата во која се наведува дека сите членови треба да имаат „право да учествуваат“ во двата главни органи на Советот на Европа „на рамноправна основа“.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го поздрави гласањето и ги потврди обврските на Русија вклучително и плаќањето чланарина.

Лавров изјави дека Русија го цени „позитивниот придонес“ на Советот на Европа во решавањето на хуманитарните прашања и подобрувањето на руското правосудство.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека Русија е подготвена да соработува со Советот на Европа само додека има „рамноправен став“ во сите механизми на одлучување.

Украинскиот министер за надворешни работи неочекувано го откажа присуството на состанокот во Финска во последен момент.

Украинскиот амбасадор при Советот на Европа, Дмитро Кулеба напиша на својот Твитер дека Украина и уште пет земји гласале против предлогот, кој го опиша како резултат на „циничната дипломатија“ како би се спасил „долгорочен партнер“.