Израелците утре излегуваат на гласање по тримесечната изборна кампања која помина во меѓусебни обвинувања наместо во сеопфатни политички предлози. Право на глас на 21-те парламентарни избори во Израел имаат 6,3 милиони луѓе.
Изборите се сметаат за своевиден референдум за премиерот Бенјамин Нетанјаху кој е во трка за четвртото по ред, а петто вкупно, премиерско место.
Ако тоа се случи тој по бројот на години на таа функција би го надминал првиот израелски премиер, татко на нацијата, Давид Бен Гурион.
Изборната кампања започна со политички распад на сојузот на партии, контраверзни коалиции, а продолжи со вести за хакирани телефони, ментално здравје, нови сомнежи за корупција, лажни профили на друштвените мрежи преку кои се шири пропаганда во корист на еден кандидат, потсетуваат израелските медиуми.
Испитувањето на јавното мислење покажува дека тесна трка се води помеѓу Нетанјаху, соочен со сериозни обвинениија за корупција, и неговиот главен ривал, поранешниот началник на генералштабот Бени Ганц, кој како што оценува Асошиејтед прес се поставил како спасител на земјата.
Реултати од анкетите се објавуваа неколкупати неделно, но во минатото се покажа дека не се точни и дека не може да го предвидат исходот, посебно на овие избори кои се сметаат за најнеизвесни од било кога.
Најголемата незивесност настапува по пребројувањето на гласовите бидејќи тогаш претседателот на Израел одлучува кому ќе му ја довери задачата да формира владејачка коалиција. Обично таа задача ја добива политичката партија која освоила најмногу гласови, но и не мора така да биде.
Шеесет и девет годишниот Нетанјаху во изборната трка влезе со најави дека против него ќе се подигне обвинение за корупција, измама и кршење на довербата, што и го потврди израелскиот врховен судија.
Ако тој победи во изборната трка и продолжи да владее по подигнуваето на обвинение, можеби нема да мора да поднесе оставка додека сите можности за жалби не се исцрпат. Правниците предупредуваат дека со тоа Израел ќе влезе во потполно непознати води.
Последните анкети покажуваат мала предност на Нетанјаху над Ганц, десет години помлад, во одговорот на прашањето до испитаниците кого повеќе би сакале да го видат за премиер.
Впрочем, мнозинството покажува дека сојузот на партиите од центарот на Бени Ганц ќе освојат повеќе пратенички мандати, триесетина, од вкупно 120 во Кнесетот (парламентот во Израел), но ќе им биде потешко отколку на Нетанјаху да формираат коалиција.
Comments are closed for this post.