Германската канцеларка, Ангела Меркел, утре ќе се сретне со премирката на Велика Британија, Тереза Меј, на разговори околу ќорсокакот во кој се најде Обединетото Кралство, во врска со процесот за „Брегзит“.

Патувањето на Меј до Берлин е во пресрет на решавачка средба на врвот на ЕУ, на која Меј се надева дека ќе го убеди Брисел да дозволи ново продолжување на терминот за „Брегзит“ до 30 јуни.

За подоцна е планирано Меј да оствари средба со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз.

Неименувани претставници на Унијата изјавија дека е малку веројатно дека Брисел ќе стави вето на продолжување на рокот за „Брегзит“, но оти постои несогласување за уште колку време ќе биде пролонгирано излегувањето на Велика Британија од ЕУ.