Германската канцеларка Ангела Меркел е во посета на Кина. Таа е прв официјален лидер од некоја од западните земји која пристигна во Пекинг од почетокот на немирите во Хонк Конг.

За време на разговорите со кинескиот премиер  Ли Кекианг, Меркел истакна дека потребно е да се најде мирно решение за ситуацијата во Хонк Конг, а се осврна и на трговската војна меѓу Кина и САД, оценувајќи како таа „влијае на целиот свет“.

Се надевам дека ќе има решенија во трговската војна со САД бидејќи влијае на сите во светот, рече Меркел на почетокот на дводневната посета на Кина.

Таа потврди дека е отворена за кинески инвестиции и ги повика кинеските компании да инвестираат во нејзината земја.

Меѓутоа, таа нагласи дека Германија спроведува проверки на инвестициите во одредени стратешки сектори и клучните инфраструктури.

Во обраќањето на заедничката прес конференција во Пекинг со канцеларката Меркел, Ли рече дека Кина сака да ги запре немирите во Хонк Конг, во кој со месеци се одржуваат протести.

Тој изрази и надеж дека Германија ќе прифати повеќе кинески компании и ќе ги олесни правилата за увоз на одредени стоки.