Францускиот претседател Емануел Макрон стапна на лизгав историски терен откако го пофали прочуениот генерал од Првата светска војна, кој подоцна, во текот на Втората, стана колаборационист на нацистите, соопшти АП.

Маршалот Филип Петен ја предводеше француската армија до победа во големата битка кај Верден во 1916 година, беше прогласен за национален херој, а во многу француски градови и села имаше улици со неговото име. Меѓутоа, неговата слава потемне со пресудата за предавство заради активностите на челото на францускиот колаборационистички режим од Виши, воспоставен на неокупираната територија на Франција по нејзината окупација од нацистите во периодот 1940-1944 година. Петен е обвинет и за депортирањето на 13.000 Евреи од Франција во 1942 година, кои станаа жртви на холокаустот.

Макрон денеска, при посетата на Шарловил-Мезиер, изјави дека на 11 ноември, за време на чествувањето на 100-годишнината од крајот на Првата светска војна, има намера да ги одбележи заслугите на Петен, заедно со уште седум други француски маршали, кои биле одликувани по фронтовите на војната.

Сметам дека е апсолутно соодветно да им одадам почит на маршалите, кои нашата армија ја доведоа до победа. Петен заслужува почит за тоа дека бил „голем воин„ во текот на Првата светска војна, иако направил фатален избор за време на Втората светска војна, изјави претседателот.

Неговите зборови веднаш предизвикаа вознемиреност кај главната еврејска организација во Франција-Советот на еврејските организации во Франција, која претставува 400.000 Евреи.

Шокантно е тоа што Франција може да одаде почит на човек за кого судот во името на францускиот народ пресудил дека е недостоен да се нарекува Французин, изјави Франсис Калифа, претседател на Советот.

Реагираше и лидерот на крајната француска левица Жан-Лук Меланшон.

Маршалот Жофр е водачот на армијата, која победи во војната 1914-1918 година. Петен беше предавник и антисемит. Неговите престапи и неговото предавство не можат да бидат избришани од историјата. Макрон, овојпат ти отиде предалеку, рече тој.

По војната, Петен беше осуден на смрт, но тогашниот претседател, генералот Шарл де Гол, долгогодишен негов почитувач, ја замени пресудата со доживотен затвор. Петен почина во затвор во 1951 година на 95-годишна возраст.