Италијанскиот премиер Џузепе Конте ја повика Европската унија да ги усогласи правилата во врска со Божиќните празници и користењето на скијачките објекти, имајќи ја предвид ситуацијата со пандемијата на коронавирусот.

Конте ова го изјави на прес-конференција со шпанскиот премиер Педро Санчез во Палма.

Скијачките патеки во Италија во моментов се затворени поради вонредната состојба воведена поради коронавирусот, како и други спортски објекти, како што се базени и спортски сали.

Италијанските региони каде што се наоѓаат скијачките центри, сепак вршат притисок да ги отворат патеките за сезоната на празници, наведувајќи дека во спротивно економската штета ќе биде непоправлива.