Дипломатската комуникација на официјалните лица од ЕУ била мета на хакерски напади во период од три години, пишува Њујорк тајмс.

Весникот наведува дека илјадници пораки се пресретнувани, во кои дипломатите разговарале на различни прашања, од американскиот претседател Доналд Трамп до глобалната трговија.

Упадот го открила компанија која се занимава со сајбер безбедност под име „Ареа 1“.

Европските официјални лица рекле дека поштата со ознака доверливо или тајно не е погодена со овој упад кој траел три години.

Неименуван стручњак во изјава за весникот „Њујорк тајмс“ рече дека методите кои хакерите ги користеле се слични на оние кои ги користи кинеската војска.

По повеќе од десет годишно искуство со кинеските сајбер операции, нема сомнеж дека оваа кампања е поврзана со кинеската Влада, изјавил изворот за Њујорк тајмс.

Пресретнатите пораки, познати како дипломатски депеши, откриваат и една размена на мислења на дипломатите за состанокот на Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во јули, во кој се наведува дека „состанокот бил успешен барем за Путин“.

Во друга порака се откриваат детали од приватната средба на кинескиот претседател Си Џипинг и европските официјални лица на почетокот од годинава.

Во таа порака кинескиот претседател вели дека Кина нема да дозволи малтретирање од Вашингтон „дури и во случај трговската војна на сите да им нанесе штета“.