Германската канцеларка Ангела Меркел во петок ќе се вакцинира против коронавирусот со вакцината на „АстраЗенека“, пренесува „Велт“.

Германската канцеларка која во јули ќе наполни 67 години ќе ја прими вакцината на „АстраЗенека“ со која во Германија, поради проблемите со згрутчувањето на крвта кај помладите лица, се вакцинираат само постарите од 60 години.

Еден од портпаролите на германската влада одби да ја потврди оваа информација и ја повтори изјавата на Стефан Сајберт од понеделникот кој најави дека канцеларката ќе се вакцинира во догледно време и јавноста за тоа ќе биде известена.

Инаку, неодамна со вакцината на „АстраЗенека“ се вакцинираше и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер кој при вакцинацијата порача дека „има доверба во вакцините кои имаат добиено дозвола во Германија“.

По препорака на надлежните тела, во Германија од почетокот на април со вакцината на „АстраЗенека“ се вакцинираат само постарите од 60 години.

Министрите за здравство на сојузните покраини одлучија пред неколку дена, лицата кои како прва доза ја примиле вакцината на „АстраЗенека“, да ја примат втората доза, но од вакцините на „Фајзер“ или „Модерна“.