Германија има намера  да им ги одземе државјанствата на германските граѓани што се бореле за Исламската држава, пренесуваат германски медиуми.

Планот, за кој се договориле министерот за внатрешни работи, Хорст Зехофер и министерката за правда, Катарина Барлеј, предвидува одземање на пасошите на членовите на ИД доколку поседуваат уште некое државјанство, ако се полнолетни и ако учествувале во борбите.

Ваквите најави ги пренесуваа весникот „Зидојче цајтунг“ и телевизиите НДР и ВДР.

Според важечките закони, веднаш е можно одземањето на германското државјанство ако некој Германец доброволно, без одобрување на Министерството за одбрана, одлучи да се приклучи на некој странска вооружена формација.

Како што тврдат медиумите, тој закон ќе биде дополнет, а сето ова е поврзано со барањето на американскиот претседател Доналд Трамп, Европа да преземе повеќе од 800 борци на ИД од стариот континет, кои се наоѓаат во заробеништво, како и да им се суди.