Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера се закани дека ќе преземе еднострана офанзива во североисточна Сирија ако не се реализираат плановите со САД за воспоставување на така наречена зона на безбедност долж границата со Турција, а коридорот да го контролираат турски војници.

Ердоган пред дипломците на воената академија во Истанбул истакна дека САД имаат три недели да ги исполнат барањата на Турција.

Турски и американски претставници претходно се договорија за воспоставување на безбедносна зона источно од Еуфрат. Анкара исто така сака и сириските Курди, кои ги смета за терористи, да се повлечат од границата.

Ако нашите војници не почнат активно да ја контролираат зоната, нема да имаме избор туку ќе ги активираме сопствените оперативни планови, посочи Ердоган.

Тој додаде дека на Генералното собрание на Обединети нации во текот на месецов ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, што ќе биде „последна шанса“ пред евентуалната турска офанзива.