Автомобил со Палестинци удри група израелски војници во окупираниот Западен Брег, по што двајца од напаѓачите се убиени од војниците, а третиот е повреден, соопшти израелската армија.

Двајца напаѓачи се неутрализирани откако прегазија неколку војници, а третиот е полесно повреден – се наведува во соопштението на израелската армија.

Во тој извештај не се соопштува во каква состојба се прегазените војници, но локални медиуми известуваат дека едниот е во сериозна состојба. Загинатите Палестинци биле момчиња на 20-годишна возраст.

Инцидентот се случи десетина километри североисточно од Рамалах.

Кратко време по овој инцидент избија насилни судири меѓу израелските сили и палестинските граѓани, во кои војниците употребија солзавец, додека граѓаните кон нив фрлаа камења и други предмети.