Два танкери во Оманскиот залив се оштетени и зафатени со оган, а сомневањата се дека се нападнати. Сите членови на екипажот од двата бродови се евакуирани.

Норвешката бродска компанија „Фронтлајн“ потврди дека нејзин танкер со нафта „Фронт Алтер“ се запалил во Оманскиот залив, пренесува Ројтерс.

Бродот се движел од Обединетите Арапски Емирати кон Тајван. Сомнежите се дека танкерот е погоден со торпедо. Сите членови на екипажот се префрлени на друг брод.

Иран тврди дека танкерите се нападнати со торпедо

Исто така, на панамски танкер „Кокука Курејџес“ дошло до пожар во делот на бродот во кој се наоѓа моторот, а пробиен е и трупот на бродот.

Екипажот го напуштил пловилото, а еден член на екипажот се здобил со полесни повреди.

Танкерот превезувал метанол од Саудиска Арабија во Сингапур. Иранските медиуми пренесуваат дека спасувачките служби на таа земја ги спасиле сите 44 членови на двата бродови.

Американскатa Пета флота, која е стационирана во Бахраин, соопштила дека пружила помош откако примила повик.

По инцидентот, цената на нафтата порасна за четери отсто.

Оманскиот залив се наоѓа во влезот на Ормускиот мореуз, морски пат од големо стратешко значење, низ кој се транспортира петина од нафтата која се троши во светот.