Според последните податоци, од двата вчерашни атентати во Кабул досега загинале 103 лица, а над 1.330 се ранети, јавуваат светските агенции. Меѓу жртвите има 13 американски војници и 28 талибанци.

-Изгубивме повеќе луѓе, отколку Американците, изјавил претставник на талибанците, кои кон средината на месецов ја презедоа власта во Авганистан.

Наспроти терористичките акти, тој додал дека не гледа причина за одлагање на крајниот рок за повлекување на странските сили. Веднаш по атентатите талибанците се заканија дека ќе ги пронајдат виновниците и оти ќе ги казнат.

Слична закана испрато и американскиот претседател Џо Бајден во вонредното обраќање пред нацијата.

-Нема да простиме и нема да заборавиме. Ќе ве фатиме и ќе ве натераме да платите, изјави тој и додаде дека САД претпоставуваат кој стои зад атентатите.

Бајден целосно ја презеде одговорноста за експлозиите во Кабул и на раководството на Пентагон му нареди да подготви оперативни планови за удари врз лидерите и целите на „Исламска држава-Корасан“, која ја презеде одговорноста за атентатите.

Претседателот изјави дека ќе се бараат можности евакуацијата на граѓаните од Авганистан да продолжи и по 31 август и додаде дека САД имаат можност да испратат дополнителни воени сили во Кабул. Откако талибанците го контролираат Кабул, досега се евакуирани над 100.000 лица, а вчера, наспроти атентатите, 7.500.

Двете смртоносни експлозии се случија во близина на аеродромот во Кабул. Едната од нив на северниот влез на аеродромот, а втората пред хотелот „Барон“, кој се наоѓа на 300 метри одалеченост од таму, а во кој во моментот имало голем број државјани на САД и Велика Британија. Првата експлозија ја предизвика атентатор-самоубиец, а потоа експлодираше и автомобил-бомба.